+389 78 402 762 contact@centerbpsee.com

Приказната за животот и околу животот

Приказната за животот и околу животот

Моето НЛП патување

 

Љубица Шопова,

NLP Practitioner, Соработник за дигитален маркетинг,

Центар за Бизнис Психологија, Системска & НЛП

Патувањата од точка А до точка Б подразбираат амплитуди на скршнување, попатни станици, доаѓања, заминувања, себепроанаоѓање, губење, побегнување од нашата перцепирана реалност и враќање назад со надеж дека сме дошле на вистинското место, во вистинскиот миг и дека сме опколени со вистинските луѓе. Без разлика на превозното средство и замислената дестинација, понекогаш сме возач, не возат или едноставно без компас лутаме во просторот и ги собираме парчињата од мозаикот во создавањето на смислата на приказната која во моментот ја живееме. Понекогаш и летот во место има смисла, додека не ги рашириме крилјата и со отворено срце му пристапиме на предизвикот со кој се соочуваме на пистите низ животот. Донесените одлуки треперат како пеперутки во стомакот, а мајските бумбари во главата ја освестуваат реалноста за нивната изводливост. Посакуван исход наспроти креирана реалност создавана од соништа, сеништа и добронамерници кои не секогаш успеваат во својата намера. Во сите тие подеми и падови, радости и разочарувања, добивки и загуби постојат мигови кога сме осамени или се осамуваме, се отуѓуваме, си ја удираме главата во ѕид во обид да го пробиеме патот и одново да ја продолжиме приказната на нашето постоење, овој пат помудри и потешки за неколку кнедли проголтани, недоварени од супата која сме се хранеле за да преживееме.

Дали ќе станеме поотпорни? Дали ќе ни се зголеми апетитот или ќе бидеме задоволни со сервираното? Која приказна ќе ја живееме? Ќе пропаднеме или ќе припаднеме? Ќе ја научиме лекцијата или ќе бидеме некому лекција за тоа како (не) треба?

Во реалноста во која мапата не е територија, уметност е да ги видиме, да ги слушнеме и почувствуваме вистинските нешта, да ги научиме вистинските лекции и да знаеме каде сме, како ги правиме работите, што ни треба за да бидеме подобри, похумани и дали би се следеле себе си во тој процес. И кога ќе дојдеме до одговорите на прашањата: „Кој сум јас? Зошто сум овде? Која е мојата намера?“ ќе знаеме дека имаме развиено чувство на припадност, дека сме ја избрале слободата или сме ја „напуштиле“ слободата и сме дел од нешто. За нас големо, вистинско, исконско. На друга мапа, во некој друг свет тоа е само меридијана или напоредник кој го сече и распарчува нечиј простор или пак е нешто минорно, со споредно значење. И во тие испреплетувања треба да сме свесни дека секогаш можеме да ја прошириме рамката на гледање на нештата, да не се задоволуваме само со трејлерот, туку да бидеме доволно љубопитни и храбри да го изгледаме целиот филм, макар некогаш биде и со хорор завршница.

Во тие испреплетувања на простори и приказни, на разделби и сплотувања постои размена на животна енергија која во динамичките процеси на правење на хаос и создавање на микро космоси кои се дел од едно универзално постоење, не ставаат сите заедно на едно колективно херојско патување од кое сите сакаме да откинеме дел за себе во различен облик, форма и димензија убедени дека тоа е делот што ни недостасува за да бидеме дел од целината. И така низ патувањето, откинувањето, присвојувањето и подарувањето, сфаќаме дека сме дел од процес во кој единствен континуитет се промените, а постоењето е во привремени вечности кои некогаш полесно или потешко ги напуштаме.

 

На ова патување наидов на многу ѕидови, пречки и отвори од кои зрачи светлина без потенциометар. Дел од циглите ги разместив, а прашината која ја голтнав и голтам од рушевините ми ја дава повратната информација за сработеното и наученото. Сретнав прекрасни луѓе, кои ми прираснаа за срце – НЛП група 11 и во некаква форма секогаш ќе бидат дел од моето постоење во привременоста на вечностите и бесконечноста на промените. Во миговите кога не бев подготвена да се следам себеси наидов на лидер, хуман човек од кого научив и учам да бидам љубопитна, храбра и ранлива во исто време и дека сето тоа е во ред во патувањето да се стане човек и да се биде дел од нешто.

Во моментот сум дел од постоењето на една 11-годишна приказна, во која влетав како трет/четврти член, каде ми е дадена можноста да бидам раскажувач, да постојам и да се соочувам со мудроста на изборот да се напушти слободата, истовремено живеејќи ја најголемата слобода – да се стане, да се биде дел од нешто.

На крајот од овој пат, соочена со својата нова димензија, со отворените и затворените прашања во спорот за идентитетот – кој сум јас, зошто сум овде и која е мојата намера, ги барам одговорите, додека ги гледам најубавите фотографии од незаборавната НЛП авантура, скриени длабоко во потсвеста, а силно присутни некаде на површината. И уживам во создавањето на мојата приказна за животот и околу животот.